Согласно член 69 став 2 алинеја 10 од Законот за класифицирани информации(*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19), Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации е надлежна за организирање и спроведување обуки за безбедност на класифицирани информации. Следејќи ги искуствата на националните безбедносни авторитети на други држави членки на НАТО и современите текови во областа на едукацијата и развојот на информатичката технологија, Дирекцијата воведе електронски систем за обука за Законот за класифицирани информации(*). 

Системот претставува веб-базирано решение за пристап кон содржината за учење „во секое време, насекаде“, коешто се состои од основни функционалности и модул за курсеви коишто дополнително ќе се надградуваат со донесувањето на новите подзаконски акти што произлегуваат од Законот. Системот овозможува регистрација на учесниците за следење на Е - содржина, тестирање, како и издавање на потврда којашто е еден од задолжителните документи што се приложува кон барањето за издавање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации. Со тоа се исполнува барањето од член 41 став 2 од Законот за класифицирани информации(*), пред издавање на безбедносниот сертификат за пристап класифицирани информации, физичкото лице да се обучи за ракување со класифицирани информации.